
Годишното доделување на телевизиските Еми награди се враќа со силна конкуренција меѓу докажаните ветерани и новите хит-серии, при што медицинската драма „The Pitt“ води со дури 25 номинации, додека новата хорор-комедија „Widow’s Bay“ се заканува да ја расипе забавата за последната сезона на „Hacks“. Според анализите на критичарите пред свечената церемонија, ова се главните предвидувања за тоа кој ќе победи, а кој вистински ја заслужува наградата во клучните категории.
Драмски серии: Доминација на „The Pitt“
Минатата година „The Pitt“ изненадувачки ја освои наградата за најдобра драма, а моментумот продолжува и годинава по одличната втора сезона во која болничкиот персонал се справува со сајбер-напад. Иако научно-фантастичната „Pluribus“ добива огромни пофалби за креативноста, се очекува наградата за најдобра драмска серија повторно да заврши кај „The Pitt“.
Во актерските категории, Ноа Вајли („The Pitt“) е главен фаворит за најдобар актер за улогата на д-р Роби кој се крши под тежината на расипаниот систем, иако критичарите би сакале да го видат Марк Рафало („Task“) како победник. Кај жените, наградата речиси сигурно оди кај Реа Сихорн („Pluribus“) за нејзината извонредна изведба на тажна жена во нов свет. Во споредните драмски улоги, предвидувањата исто така се во корист на актерите од „The Pitt“ – Шон Хатоси кај мажите и Кетрин ЛаНаса кај жените.
Комедија: Судир на „Hacks“ и „Widow’s Bay“
За првпат по неколку години, категоријата за најдобра комедија носи вистинска неизвесност. Последната сезона на „Hacks“ има рекордни 24 номинации, но моментумот е на страната на новиот хит на Apple TV+, „Widow’s Bay“, кој има 19 номинации и се предвидува дека ќе ја однесе главната награда.
За најдобар актер во комедија, велшанецот Метју Рис е фаворит за брилијантната улога на збунет градоначалник во „Widow’s Bay“. Кај актерките, легендарната Џин Смарт се очекува да ја освои својата осма Еми награда за маестралната изведба во прошталната сезона на „Hacks“. Во категоријата за најдобра споредна машка улога се очекува историски момент – 84-годишниот Харисон Форд („Shrinking“) би можел да стане најстариот добитник на наградата. Кај споредните актерки, британката Кејт О’Флин („Widow’s Bay“) е апсолутен фаворит на критичарите и публиката.
Лимитирани серии и забавни емисии
Наградата за најдобра лимитирана серија најверојатно ќе заврши кај „DTF St Louis“, која стана огромен телевизиски хит, иако втората сезона на „Beef“ важи за миленик на критичарите. Во главните актерски категории за овој формат, Оскар Ајзак („Beef“) е главен фаворит кај мажите, додека Сали Филд („Remarkably Bright Creatures“) се очекува да ја добие својата четврта Еми награда кај жените.
Во споената категорија за забавни емисии (Variety), се очекува гласачите да испратат политичка порака и да ја наградат „The Late Show“ на Стивен Колберт, и покрај стандардниот квалитет на Џон Оливер и неговата „Last Week Tonight“.
Главната свечена церемонија за доделување на овогодинешните Еми награди ќе се одржи во понеделник навечер во Лос Анџелес. Поради временската разлика, телевизиските фанови во Македонија ќе можат да го следат овој гламурозен спектакл во раните утрински часови во вторник (15 септември), со почеток точно во 02:00 часот по полноќ по македонско време.
А. Ѓ.
