ВЕСТИИМПУЛСКОСМОС
Во тренд

SpaceX со историски обид за двојно фаќање на ракетата Starship Flight 15

Петнаесеттиот тест-лет на најмоќната ракета во светот предвидува прво фаќање на бустерот Super Heavy, а потоа и на вселенскиот брод Starship со механичките раце на лансирната кула. Ако успее, SpaceX ќе постигне историски целосно враќање на орбитален лансирен систем.

Американската вселенска компанија SpaceX за вечерва, петок 13 ноември, го планира петнаесеттиот тест-лет на мегаракетата Starship, со обид за изведување потфат што досега не е реализиран во историјата на орбиталните вселенски летови – враќање и фаќање на двата дела од ракетата со механичките раце на лансирната кула.

Според најавениот распоред, лансирањето од базата Starbase во јужен Тексас треба да започне во 23:45 часот по македонско време. Предвиден е 75-минутен временски прозорец за лансирање.

Мисијата Starship Flight 15 има за цел да ја демонстрира можноста за целосно повторно искористување на ракетниот систем. Двата негови главни дела – бустерот Super Heavy и вселенскиот брод Starship – се конструирани така што по завршувањето на летот ќе можат да се вратат на лансирната локација, наместо да бидат изгубени во океанот.

Според планот, првиот ќе се врати бустерот Super Heavy, приближно шест и пол минути по полетувањето. Тој треба да биде фатен со механичките раце, познати како „стапчиња за јадење“ (chopsticks), на лансирната кула во Starbase.

Starship, горниот степен на ракетата, ќе продолжи во ниската Земјина орбита. Предвидено е да распореди 26 нови сателити Starlink V3, а потоа да направи приближно 14 кружења околу Земјата.

Најамбициозниот дел од мисијата ќе следува дури по повеќе од 22 часа лет. Во сабота, 14 ноември, Starship треба да се врати кон лансирната локација, каде што SpaceX за првпат ќе се обиде да го фати и вселенскиот брод со механичките раце на кулата.

Досега компанијата успешно го изведе фаќањето на бустерот Super Heavy на три претходни тест-летови, но никогаш не се обидела на ист начин да го врати и фати самиот Starship.

Според SpaceX, успешното завршување на двата обида би претставувало прво целосно враќање на орбитален лансирен систем и значаен чекор кон брзо и повеќекратно користење на ракетата.

Сепак, двојното фаќање не е загарантирано. Доколку при летот се појават проблеми, SpaceX може да го откаже обидот за враќање на Starship во Starbase и да го насочи кон планирано спуштање во Тихиот Океан.

Ројтерс објави дека во утринските часови во петокот Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) сè уште ја немала издадено потребната дозвола за лансирањето. Тоа значи дека најавениот термин зависи и од регулаторното одобрение.

Мисијата е важна и за идните планови на SpaceX. Компанијата сака да воспостави значително почести летови со Starship, меѓу другото за поставување на новата генерација сателити Starlink и за идните мисии кон Месечината и Марс.

Ј. Ѓ.

Поврзани вести

Back to top button