
Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, изрази згрозување и длабоко неверување по неодамнешните изјави на Петар Богојески во кои тој говорел за жените и за наводната потреба од нивен „машки надзор“.
Во својата јавна реакција, Митева ги оцени овие сфаќања како понижувачки, ретроградни и опасни, нагласувајќи дека тие директно го навредуваат достоинството и удираат врз темелните вредности на едно демократско општество.
„Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда“, посочи Митева.
Таа нагласи дека, како претседателка на Унијата на жени, но пред сè како жена, најостро ги отфрла ваквите ставови. Потсети дека нивната заложба под мотото „За една повеќе“ претставува целосна спротивност на кажаното – тоа е борба за една жена повеќе која ќе добие можност, која ќе биде почитувана и која ќе биде слободна да одлучува, создава, води и да успева.
Оценувајќи дека станува збор за прашање на елементарни цивилизациски вредности за кое нема простор за молк ниту за релативизирање, Митева отвори и дилема за медиумскиот простор што им се дава на ваквите ставови.
„Слободата на говорот е темелна демократска вредност, но медиумската видливост не е право на секој што посегнува по навреда и понижување. Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството“, заклучи Митева.



