ВЕСТИПОЛИТИКА

Мицкоски од свечената академија „Свои на своето!“: Не се занимавам со минатото, мојата задача е иднината на нашите деца

„Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на свечената академија насловена „Свои на своето!“, одржана по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Тој нагласи дека овој ден буди гордост, но пред сè огромна одговорност пред жртвата на револуционерите кои го положиле својот живот за слободна татковина.

Премиерот се осврна на актуелните политички предизвици и, како што рече, „планините кои ги наследивме“. Тој упати јасна порака во врска со евроинтеграцискиот пат на земјата и блокадите од соседите.

„Многумина велат: ‘Напушти ги преговорите!’ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса. Видовме како нашиот источен сосед, откако влезе во ЕУ, почна да ги користи сите механизми да нè закочи и да се интересира за Бугари во Уставот и за историјата, нешто за што претходно немаше ниту една забелешка“, изјави Мицкоски, додавајќи дека на неразумните чекори и провокации одговара со разум и принципи.

Мицкоски испрати и директна порака до, како што ги нарече, „шнајдерите на историјата“: „Оние кои мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ“.

Тој предупреди и на обиди за дестабилизација, истакнувајќи дека додека Европа станува „немирен вулкан“, странските служби на Балканот никогаш не престануваат да работат. Според него, има и домашни актери од опозицијата кои се подготвени да бидат дел од такви игри за „пари и лажни ветувања за фотелја“, но порача дека нема да дозволи нечесни авантури на грбот на народот.

На крајот од говорот, премиерот ги наброја и владините успеси остварени во услови на енергетска криза, вклучително изградба на нови автопатски делници, инвестиции во образованието, финансиска поддршка за над 1.200 општински проекти и одржување на најниската инфлација во Европа. „Нашиот ред е да изградиме држава во која човекот ќе има достоинство, младите надеж, а родителите спокој“, заклучи Мицкоски на академијата.

Back to top button