ВЕСТИПОЛИТИКАРЕПУБЛИКА

Николоски од Струга: Инвестираме над 5,6 милиони евра во булевари, улици и комунална мрежа

Поддршката од Владата преку Министерството за транспорт за општина Струга изнесува повеќе од 5,6 милиони евра, наменети за капитални инвестиции во патната и комуналната инфраструктура, соопштија од Министерството.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на денешната работна посета на Струга, заедно со градоначалникот Менди Ќура изврши увид во изградбата на неколку нови улици. Според Николоски, преку Министерството во моментов се гради булеварот „Туристичка“, проект вреден 175 милиони денари, како и улицата „Источно Колекторска“ која се спојува со овој булевар.

„Во соработка со Светска банка имаме проект кај Езерски лозја, кој се финализира и за кој денеска добивме уверување од изведувачот дека до крајот на следната недела целокупно ќе бидат завршени работите и ќе може да биде пуштен во употреба“, изјави Николоски по работниот состанок.

Министерот информираше дека со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање се работи и на неколку канализациски системи. Посебен фокус е ставен на Враништа, каде заедно со ресорниот министер ќе се бара можност за довршување на целиот проект, што опфаќа дополнителни 700 метри до еден километар нова мрежа.

Како нов стратешки проект за подобрување на безбедноста во сообраќајот, Николоски ја најави иницијативата за продолжување на улицата „Колекторска“ до магистралниот пат кој води од Струга кон Охрид. Планот предвидува кај Мислешево да се изгради голем кружен тек, со што значително би се намалил бројот на сообраќајни несреќи на овој потег.

Back to top button