
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Велес присуствуваше на почетокот на градежните работи за изградба на нова подземна катна гаража и плоштад, капитален проект за кој очекува да биде завршен и пуштен во употреба кон крајот на првата половина од следната година, изјави премиерот Мицкоски во своето обраќање.
Тој потсети дека за овој проект разговарал со градоначалникот Марко уште кога тој бил кандидат за својот прв мандат. Оценувајќи дека теренската подготовка е одлично направена, премиерот истакна дека тоа значи оти 90 отсто од работата е веќе завршена. „Сигурен сум дека ако се оди според планот, а не гледам причина зошто така да не биде, таму некаде при крајот на првата половина на следната година ќе можеме да го пуштиме овој прекрасен објект во функција, да може да го користат велешани и да уживаат во новиот плоштад“, нагласи Мицкоски.
Премиерот најави дека Владата ќе продолжи со силна поддршка на проектите низ општините низ државата. Тој информираше дека првиот и вториот повик се очекува да бидат завршени делумно оваа, а делумно на почетокот на следната година. Дополнително, преку ЗЕЛС до општините веќе се дадени инструкции да подготвуваат нови проекти за следната година. Според него, ваквите инвестиции носат реални резултати кои позитивно се рефлектираат врз економската активност на македонските компании.
На крајот од своето обраќање, Мицкоски упати честитки за посветената работа на градоначалникот, заблагодарувајќи се и на општинската администрација, советниците, владините колеги и пратениците од Велес кои се борат за повеќе проекти за градот, како и на самите велешани за нивното трпение.
