ВЕСТИПОЛИТИКА

Во пресрет на Денот на Армијата, Мисајловски најави повисоки плати

Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави повисоки плати и подобри услови за работа за припадниците на Армијата и вработените во одбраната, на денешниот свечен собир пред Министерството за одбрана и Генералштабот, организиран во пресрет на 18 Август, Денот на Армијата.

„Носиме одлуки кои ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа“, рече Мисајловски, според соопштението од Министерството за одбрана.

Тој порача дека вработените ќе продолжат да бидат вреднувани, оценувајќи дека тие се столбот на одбраната.

„Кон секој предизвик пристапувавме од исто стојалиште и иста перспектива – се поддржувавме во секој момент и за доброто на секој војник, подофицер, офицер и вработен во одбраната“, рече Мисајловски.

Во обраќањето до припадниците на Армијата и вработените во одбраната, тој им се заблагодари за нивната работа и професионалност и порача дека успехот зависи од продолжувањето на заедничката работа.

„Вашиот труд, вашата посветеност и професионалност која ја покажувате секојдневно ни овозможува да бидеме една од најорганизираните институции во државата. За сите нас, за Македонија, успехот ќе ни биде загарантиран само ако продолжиме посветено да работиме, да продолжиме да функционираме како едно големо семејство кое го обединува заедничка цел: Македонија да продолжи да се развива и да изградиме подобра држава за следните поколенија“, рече Мисајловски.

И во денешната јавна порака по повод Денот на Армијата, Мисајловски ја истакна посветеноста и професионалноста на армиските припадници и вработените во одбраната.

На свечениот собир се обрати и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој нагласи дека 18 Август е ден кога се слави воената професија и вредностите врз кои таа се темели.

„18 Август е денот кога ја славиме Воената професија, професија која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам. Тоа се вредностите по кои секојдневно се препознаваме – вредности кои се во кодот на секој Армиски припадник“, рече Лафчиски.

Тој оцени дека во изминатата година Армијата постигнала значајни резултати и продолжила да ги развива своите способности и да ги исполнува националните и НАТО стандардите.

Во рамки на одбележувањето, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот, предводена од Мисајловски и заедно со семејствата на загинатите бранители, положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред Министерството.

Претходно, владина делегација положи венци и на Партизанските гробишта во Бутел, како и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски.

Централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, ќе се одржи утре во Центарот за обука на вода во Охрид.

Back to top button