ВЕСТИЗЕЛЕНАМАКЕДОНИЈА

Уште седум дена за пријавување на натпреварот „Зелени идеи 2026“

Остануваат уште само седум дена до затворањето на повикот за националниот натпревар „Зелени идеи“, информираат од здружението „АРНО“.

– Уште 7 дена до крајниот рок за натпреварот „Зелени идеи 2026’“. Натпреварот е отворен за постоечки импакт-бизниси или тимови кои имаат идеи за доброто на животната средина и локалните заедници, а аплицирањето се одвива преку официјалниот линк најдоцна до 16 септември.

Оваа 2026 година, националниот натпревар се одвива целосно онлајн и на англиски јазик. Иако критериумите се генерално исти со мали промени објаснети во повикот, од АРНО потенцираат дека фокусот е ставен на мерливите импакт-индикатори. Како дел од имплементацијата на проектот „Инвестираме во промени“, здружението апелира пријавите да содржат не само податоци за активностите, туку и индикатори за нивното влијание. Според организаторите, светскиот тренд е да се инвестира во бизниси кои ги мерат своите промени и кои се способни да апсорбираат капитал од инвеститори, а не да се потпираат само на грантови.

Натпреварот е дел од регионалната иницијатива „Зелени идеи од Балканот“ (Balkan Green Ideas), која веќе 15 години ги поддржува зелените бизниси во Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Најдобрите тројца претставници од секоја држава ќе се натпреваруваат во две категории за грантови во износ од 5.000 или 10.000 долари, при што вкупниот регионален награден фонд за 2026 година изнесува 20.000 американски долари.

Како организатор на натпреварот од 2015 година, АРНО истакнува дека македонските учесници досега имаат освоено вкупно 12 регионални признанија за нивните иновативни импакт-бизниси. Меѓу нив се кооперативата „Наша добра земја“, стартапот „СПИН“, платформата „Храна за сите“, апликацијата „Challenger“, преносливиот шпорет „MobiStove“, како и минатогодишниот победник со кремата „LoaNaturals“ и многу други. Со овие успеси, вкупната досегашна инвестиција за развојот на македонските импакт-бизниси преку овој натпревар достигнува 110.000 долари.

Back to top button