Во изминатите неколку години во повеќе земји во светот, вклучително и во нашиот регион, се бележи драстичен пораст на бројот на дијагнози од спектарот на аутизам (ПСА). Додека дел од стручната јавност ова го препишува на значително подобрената и попрецизна дијагностика, а другите се скептични, сепак за семејствата кои живеат со оваа состојба, порастот на бројките претставува реалност за која институциите сè уште немаат соодветен одговор.
Претседателот на Здружението за аутизам Загреб (УАЗ), Игор Ружиќ, за хрватскиот специјализиран портал за инклузија „In Portal“ посочува дека т.н. „епидемија на аутизам“ е реална кога ќе се погледнат статистичките податоци, иако самиот термин понекогаш медиумски се пренагласува.
Непознат причинител и сè поширок спектар
Според Ружиќ, аутизмот и понатаму останува енигма бидејќи неговата точна етиологија сè уште не е утврдена. Тоа е главниот извор на страв и паника кај родителите, кои честопати се склони кон самообвинување или барање виновници во надворешни фактори, иако според досегашните научни сознанија станува збор за специфична невродивергенција за која никој не е виновен.
Ширењето на терминот „спектар“ има за цел да ги опфати сите манифестации на оваа состојба – од високофункционални лица на кои им пречат само одредени надворешни надразнители, па сè до лица на кои им е потребна постојана, 24-часовна грижа и поддршка. Подобрената дијагностика овозможува откривање и на поблагите облици, што автоматски го зголемува вкупниот број на регистрирани случаи.
Потреба од целосна заштита и неспремност на државните системи
Секое лице од спектарот на аутизам заслужува стручна процена, прилагодени услови за живеење и работа, како и соодветни едукациско-рехабилитациски и здравствени процедури. Сепак, главните државни системи – здравството, образованието и социјалната заштита – функционираат фрагментирано и целосно одвоено.
Здравствениот систем, нагласува Ружиќ, сè уште пристапува речиси исклучиво психијатриски, образовниот систем се потпира главно на ентузијазмот на наставниците и асистентската поддршка, додека социјалната заштита страда од неколкудецениско недостигање инвестиции во соодветна инфраструктура. Дури и кога институционалните капацитети би се удвоиле, тие нема да бидат доволни за задоволување на моменталните реални потреби на граѓаните.
Здруженијата не можат да бидат замена за државата
Зголемувањето на бројот на дијагностицирани лица претставува јасен аларм за државните органи. Организациите на граѓанското општество, кои најчесто ги формираат самите родители, не можат самостојно да ја носат оваа тежина и да служат како закпеност на системот.
Трајно решение е можно само преку системски, одговорен и сеопфатен пристап кој ќе обезбеди комплементарна и доживотна поддршка за сите лица од спектарот на аутизам.
Редакација Брц
