
СДСМ предупредува на нова еколошка катастрофа која тлее во заштитеното подрачје кај изворот Рашче, од кој со вода се снабдува Скопје и околината. На денешната прес-конференција, генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, обвини дека создавањето на дива депонија во оваа зона претставува директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните.
Повикувајќи се на снимки од терен објавени во јавноста, Димитријевиќ посочи дека околината на изворот е затрупана со смет, што според него е алармантно бидејќи од таму вода пијат 25 отсто од граѓаните во државата, а во истата област се произведуваат и земјоделски култури кои завршуваат на пазарите. Од СДСМ директно ја прозваа власта и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи ги за, како што велат, неспособност и неодговорност при заштитата на еколошките зони.
Потсетувајќи на ситуацијата во Гостивар, каде што повеќе од еден месец граѓаните немаат безбедна вода за пиење, како и на проблемите во над 50 други населени места низ државата, од опозициската партија прашуваат кој дозволил создавање на ваква депонија и кој ќе понесе одговорност за еколошкиот ризик.
„Кој го штити изворот Рашче? Кој ќе гарантира дека водата е безбедна? И кој ќе понесе одговорност? Граѓаните имаат право на чиста и безбедна вода. Не може цела Македонија да биде заложник на неспособноста и неодговорноста на ВМРО. Водата не е партиска тема, водата е живот“, истакна Димитријевиќ пред медиумите.
