
Во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ, во организација на Културно-информативниот центар од Битола, на 6 август (четврток), со почеток во 20:00 часот, во Свечената сала на Офицерскиот дом ќе настапи реномираното трио „Интерарт“. Станува збор за еден од најпрепознатливите македонски камерни ансамбли кој бележи богата домашна и меѓународна концертна кариера.
Формирано во 1997 година во Германија, триото повеќе од две децении е препознатливо по посветеноста на камерната музика. Денешната формација ја сочинуваат Александар Стефановски (флејта), Емилија Ристевска Стефановска (флејта) и Татјана Божиновска (пијано) – уметници со бројни солистички настапи, концертни турнеи и соработки со Македонската филхармонија.
Меѓународни признанија и богата концертна активност
Ансамблот се афирмираше на меѓународната сцена со освојувањето на престижната „Диплома на честа“ на Torneo Internazionale di Musica во Париз во 2006 година. По овој успех, триото беше покането да настапи во Рим заедно со најдобрите камерни состави и лауреати од целиот свет. Нивната кариера опфаќа настапи во Франција, Италија, Германија, Грција, Хрватска, Норвешка, Турција и САД, како и промоција на три компакт-дискови.
Триото е добитник на престижната битолска награда „4 Ноември“ и на признанието „Најуспешни битолчани“. Зад себе имаат настапи на најзначајните музички фестивали во земјата, меѓу кои Охридско лето, Скопско лето, Интерфест – Битола, Хераклејски вечери, Златна лира и Битолско културно лето. Во последните години активно ја претставуваат македонската музика во странство, со настапи во Македонскиот културен центар во Истанбул (2025) и во Загреб (2026).
Концертот на БИТ ФЕСТ е можност публиката да ужива во врвна камерна музика. Влезот е слободен, а на програмата ќе бидат изведени делата: „Three Dances“ од G. Schocker, „Ivino“ од M. Videnovic, „Marbella Fantasy“ од A. Rubtsov и „Trio“ од J. M. Damase.

