БАЛКАНВЕСТИТРЕНД
Во тренд

Дуа Липа ги поддржа албанските протести против мега-резортот на Џаред Кушнер

Една од најголемите светски поп-ѕвезди, Дуа Липа, чии родители се косовски Албанци, стана најзвучното име кое јавно го поддржа протестното движење во Албанија, познато како „Револуција на фламингата“ (flamingo revolution). Станува збор за масовни граѓански протести кои веќе влегуваат во својата шеста недела, а се насочени против контроверзниот проект вреден 1,6 милијарди евра за изградба на луксузен туристички комплекс поддржан од семејството на американскиот претседател Доналд Трамп.

Пејачката ги опиша овие протести како „инспиративни“, со што испрати силна порака и ветар во грб на активистите кои веќе 45 дена се на улиците во Тирана.

„Толку е инспиративно да се види колку на луѓето навистина им е грижа“, истакна Липа за време на разговор со албанската академик и авторка Леа Ипи на нејзиниот подкаст Service95 Book Club.

Трамп го нарече „масивен и прекрасен“, Дуа Липа загрижена за законите

Зад овој мега-проект стои инвестициска група предводена од зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, и неговата сопруга Иванка Трамп. Иванка неодамна во подкаст го опиша планираниот комплекс како „масивен“ и исклучително убав. Проектот предвидува изградба на луксузен мега-резорт на островот Сазан (единствениот албански остров), како и дополнителни 10.000 вили на песочниот брег на полуостровот Зврнец.

Сепак, она што ја загрижува јавноста е начинот на кој се отвори патот за оваа инвестиција. Во декември 2024 година, албанскиот Парламент по брза постапка донесе контроверзни измени на строгите еколошки закони, со што се дозволи градба во заштитени подрачја.

„Она што навистина ме загрижува е самиот принцип дека владата може едноставно да го смени законот и да ја отстрани еколошката заштита без никаква јавна консултација“, децидна е 30-годишната пејачка.

Загрозени природни резервати и преговорите за ЕУ

Двете локации, Сазан и Зврнец, се ненаселени подрачја со статус на природни резервати кои претставуваат дом на витални екосистеми и ретки птици. Европратениците веќе испратија сериозно предупредување до Албанија дека преговорите за влез во Европската Унија (кои земјата се надева да ги заврши до 2030 година) можат да бидат сериозно загрозени доколку не се почитуваат еколошките стандарди.

Од друга страна, албанскиот премиер Еди Рама цврсто стои зад проектот. Тој оваа инвестиција – најголема во историјата на земјата од падот на комунизмот – ја нарече „подарок за Европа“ и „благослов“ за нацијата која и понатаму е меѓу најсиромашните во Европа.

Огромна мотивација за младите во Албанија

Реакцијата на Дуа Липа беше пречекана со огромно воодушевување меѓу демонстрантите. Александар Трајче, првиот човек на водечката еколошка организација во Албанија (PPNEA), изјави за „The Guardian“ дека коментарите на пејачката се фантастични и навремени.

„Ова беше исклучително моќна изјава. Многу млади Албанци, за кои таа е идол, добија огромна инспирација. Ова е веќе 45-ти ден од нашите протести и нема апсолутно никакви знаци дека ќе запреме“, порача Трајче.

Инвеститорите, пак, тврдат дека проектот ќе се развива со максимална одговорност, со фокус на заштита на екологијата, отворање нови работни места и долгорочен развој за локалните заедници.

 

Back to top button