
СДСМ денеска обвини дека на официјалната прослава по повод 35 години независност на Македонија било прикажано погрешно македонско знаме и побара од Владата да соопшти кој бил задолжен за сценографијата и колку чинела организацијата. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека не станува збор за погрешно знаме, туку за уметничка инсталација во која „сонцето со повеќе краци се претопува во македонското знаме со осум краци“.
Од СДСМ оценија дека станува збор за „срамно и понижувачко“ претставување на државниот симбол на прослава финансирана со јавни пари.
„Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски, а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба“, наведуваат од партијата.
СДСМ побара од Владата да одговори која компанија била ангажирана за настанот, кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет, колку средства биле потрошени и дали некој ќе понесе одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата и соопштија дека визуелното решение било дел од концептот на настанот.
„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација, каде знамето од повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме со осум краци“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија тврдат дека настанот „Силно светнал ден“, организиран по повод 35 години независност, бил позитивно прифатен од граѓаните, а критиките на СДСМ ги оценија како обид проектот политички да се дискредитира.
Во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ упати и повеќе политички квалификации и обвинувања кон СДСМ и нејзиното раководство, поврзувајќи ја актуелната полемика со претходни политички одлуки за државните симболи, името и Уставот.
СДСМ, пак, останува на ставот дека визуелното решение претставува погрешно прикажување на македонското државно знаме и бара институционално објаснување за организацијата и трошоците за прославата.
