
Јавното обвинителство треба веднаш да го повика пратеникот Венко Филипче на информативен разговор за да ги обелодени сите информации што ги има, а досега ги криел, за скандал тежок 37 милиони евра поврзан со поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска. Вакво барање денеска упати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Тој јавно праша зошто Филипче дури сега решил да прозбори за наводните милионски злоупотреби на неговата сопартијка додека таа го водела ресорот одбрана, сугерирајќи дека мотивот зад ова откритие лежи во нарушените меѓусебни односи.
„Дали распукувањето на калимерата меѓу овие двајца пратеници од редовите на СДС, воедно и поранешни владини функционери, го натера пратеникот Филипче да прозбори за скандал вреден 37 милиони евра на пратеничката Славјанка Петровска?“, прашува Петрушевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека доколку Филипче знаел за милионскиот скандал, а не го пријавил во институциите, тој прави кривично дело. Според член 364 од Кривичниот законик, непријавувањето кривично дело или сторител е законски казниво за секој што свесно ќе пропушти да го стори тоа. Со оглед на тоа што Филипче самиот јавно говорел за сторено дело, Петрушевски инсистира истражните органи експресно да реагираат.
