Западнонилската треска интензивно циркулира во Грција, каде што бројот на локално стекнати инфекции оваа сезона достигна 232, а регистрирани се 19 смртни случаи, покажува најновиот неделен извештај на грчката Национална организација за јавно здравје, EODY, објавен на 26 август. Само во последната недела во земјата се пријавени 75 нови случаи, што укажува на забрзано ширење на инфекцијата.
Новиот биланс е значително повисок од оној од 19 август, кога грчките власти имаа евидентирано 157 инфекции и 13 починати од западнонилска треска. Тоа значи дека за една недела бројот на потврдени случаи се зголемил за речиси 48 проценти, а биле регистрирани уште шест смртни случаи.
Од вкупно 232 случаи во Грција, 165 пациенти развиле манифестации на централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна флакцидна парализа. Другите 67 случаи на западнонилска треска биле со полесни симптоми или без невролошки манифестации. Сите 19 починати биле постари од 65 години, а нивната медијална возраст била 85 години.
Во моментот во грчките болници се лекуваат 73 пациенти со инфекцијата. Од нив, 26 се на интензивна нега, еден пациент е во единица за зголемена нега, а 46 се лекуваат на други болнички одделенија. Досега 124 пациенти биле отпуштени од болница.
Особено погодена е Атика, но случаи на западнонилска треска има и во Тесалија, Централна Македонија, Пелопонез и Централна Грција. Меѓу подрачјата каде е потврдена циркулација на вирусот се и делови од Солунскиот регион и други области во северниот дел на земјата.
EODY уште на 21 август предупреди дека во Грција се регистрира „многу интензивна циркулација“ на западнонилска треска и дека бројот на случаи е значително поголем од вообичаеното за овој дел од годината. Грчките здравствени власти предупредуваат дека бројот на инфекции најчесто го достигнува врвот од средината на август до почетокот на септември, поради што е можно дополнително зголемување во следните недели.
Колку е силна годинашната сезона на западнонилска треска покажува и споредбата со целата 2025 година. Тогаш во Грција биле регистрирани 96 случаи и девет смртни случаи, додека годинава до 26 август бројот на инфекции веќе е повеќе од двојно поголем.
Во Македонија потврдени 50 случаи, починале пет лица
Зголемување на бројот на инфекции има и во Македонија. Според последните информации што ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски на 26 август, во земјава се потврдени 50 случаи на западнонилска треска, три се водат како сомнителни а досега починале пет лица.
На Клиниката за инфективни болести се лекуваат 21 лице, од кои кај 18 вирусот е потврден, а за тројца се чекаат резултати. Шест пациенти се на интензивно лекување. Прв случај е регистриран и во Куманово, додека најголемиот број заболени и натаму се од Скопскиот регион.
Претходно Министерството за здравство идентификуваше 34 ризични подрачја во Скопскиот регион, од кои 13 се оценети како високоризични. Вирусот беше потврден и кај угинат гавран пронајден во Скопје, што е дополнителен показател за неговата циркулација во животната средина.
Западнонилскиот вирус се пренесува главно преку каснување од заразени комарци, најчесто од родот Culex. Птиците се природни домаќини на вирусот. Според Светската здравствена организација, околу 70 до 80 проценти од заразените воопшто немаат симптоми, додека кај мал дел може да се развие тешка невролошка форма на болеста. Најголем ризик за сериозни компликации имаат повозрасните лица, луѓето со ослабен имунитет и лицата со хронични заболувања.
Здравствените власти препорачуваат употреба на средства против комарци, поставување мрежи на прозорците, носење облека што покрива поголем дел од телото и редовно отстранување на застоената вода од дворови, саксии, садови и други места каде што комарците можат да се размножуваат.
