АРТВЕСТИИМПУЛССКОПЈЕ

Поплавен магацинот на „Антолог“, уништени десетици илјади книги и 27 години труд

„Антолог“ каков што јавноста го познаваше и го сакаше – повеќе не постои

Издавачката куќа „Антолог“ се соочува со незапамтена катастрофа откако силното невреме што го погоди Скопје предизвика целосно поплавување на нивните магацински простории во општината Кисела Вода. Преку објава на социјалните мрежи, од книжевниот центар алармираат дека десетици илјади книги, возило, комплетниот инвентар и техниката се неповратно уништени, опишувајќи ја состојбата со зборовите дека „Антолог“ каков што јавноста го познаваше и го сакаше – повеќе не постои.

Како клучна причина за оваа хаварија, од издавачката куќа ги посочуваат несоодветно изведената или непостоечката јавна канализациска инфраструктура во тој реон, која не успеала да ја прими водената стихија. Од таму нагласуваат дека материјалната и емотивната загуба е неверојатно голема, додавајќи дека 27 години труд на генерации луѓе кои се вложиле во оваа приказна се помножени со нула во само неколку часа.

Скршено срце и неколкучасовно залудно чекање помош

Раководството на издавачката куќа изрази огромно разочарување од реакцијата на надлежните служби во критичните моменти, посочувајќи дека институциите потфрлиле кога им било најпотребно.

„Тие неколку часа додека напразно чекавме кој било каде што се јавивме да дојде да помогне во обидот да се справиме со водената стихија, го одзедоа нашето минато, сегашност, а најверојатно и иднината. Срцето ни е скршено, се чувствуваме целосно поразени“, стои во нивното официјално соопштение.

Истовремено, од „Антолог“ упатија јавна благодарност до Министерството за внатрешни работи (МВР), како и до сите поединци и граѓани кои во текот на вчерашниот ден биле со нив на терен за да им дадат поддршка во спасувањето на она што преостанало од нивниот дом на книгата.

Back to top button