Гаши со честитка за 11 Октомври: Слободата, солидарноста и заедништвото да бидат наша водилка кон европска иднина

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, истакнувајќи дека овој датум е еден од најзначајните во историјата и симбол на храброста, непокорот и решителноста на народот да се избори за слобода и достоинство.
Во својата порака, Гаши потенцираше дека празникот нè потсетува на темелните вредности врз кои се гради едно демократско и праведно општество, како што се слободата, солидарноста, меѓусебното почитување и заедништвото. Тој нагласи дека овие вредности мора да останат главна водилка во градењето на државата за генерациите што доаѓаат.
Според претседателот на Собранието, обврска на сите е со почит да се чува споменот на оние кои се жртвувале за слободата, а нивната храброст денес да се преточи во одговорност, единство и посветеност кон владеењето на правото и европската иднина на земјата. Гаши порача дека само преку заемна почит и почитување на различностите може да се изгради општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван, посакувајќи им на сите граѓани мир, благосостојба и просперитет.
