ВЕСТИСВЕТ

Франција ја суспендираше употребата на шок-бомби на протестите откако 15-годишник изгуби рака

Франција ја суспендираше употребата на шок-бомби за време на полициските интервенции на студентските протести кои ја зафатија земјата, откако на 15-годишно момче му беше разнесена раката претходно оваа недела, пренесуваат француските медиуми.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, побара пауза во користењето на ова оружје додека не се разјаснат фактите за инцидентот во градот Ленс, за кој демонстрантите и властите даваат спротивставени извештаи. На 15-годишното момче му беше откината раката откако граната експлодираше во нејасни околности во близина на средното училиште „Огист Бехал“. Додека властите тврдат дека тој ја подигнал гранатата која потоа експлодирала, учениците обвинуваат дека бил директно погоден откако полицаец пукал кон нивната група која фрлала камења и петарди. Нуњез потврди дека полицискиот инспекторат отворил 18 истраги за да се утврди дали полицајците употребиле сразмерна сила за време на масовните демонстрации.

Загриженоста за полициската бруталност дополнително се зголеми по случајот со 14-годишник кој минатата недела беше погоден во лицето со граната со солзавец северозападно од Париз, при што изгуби неколку заби и се здоби со скршеница на вилицата. Обвинителите отворија и истрага за обид за убиство откако друг 17-годишен демонстрант пријавил дека полицаец му ја држел главата под вода при обид да го уапси. Претседателот Емануел Макрон одржа итен состанок со клучните министри за да се најде излез од кризата. Според податоците на владата, од средината на септември досега се повредени 215 ученици, 85 членови на персоналот и 715 полицајци, а приведени се повеќе од 6.500 лица.

Градоначалникот на Сен Дени (од партијата LFI – Непокорна Франција), Бали Багајоко (Bally Bagayoko), беше присутен на средношколските протести во Париз на 6 октомври 2026 година, обидувајќи се да ги заштити младите и да ја смири тензијата помеѓу учениците и полицијата.

Во еден момент, додека со раширени раце се обидуваше да интервенира и да ги спречи судирите викајќи им на полицајците да запрат, настанал метеж во кој тој бил оттурнат, а потоа погоден во лицето од солзавец. По инцидентот, додека бил видно зашеметен, другите присутни му помагале плакнејќи му ги очите со физиолошки раствор, по што бил извлечен (ексфилтриран) од толпата за да закрепне.

Средношколците преку овие масовни протести, кои доведоа до целосно или делумно затворање на над 500 училишта, категорично бараат повеќе наставници и подобри услови за учење.

Back to top button