ЛОНДОН – Британската нискобуџетна авиокомпанија EasyJet пријави драстичен пад на профитот од дури 70 отсто во третиот квартал од годината, наведувајќи ги енормното високите трошоци за гориво и слабата побарувачка поради војната во Иран како главни причини за финансискиот минус. Овој извештај доаѓа само неколку недели откако компанијата беше преземена за сума од 5.7 милијарди фунти, пренесува Индипендент.
Падот е евидентиран во период кој важи за почеток на клучната летна сезона за авиопревозниците, што ја вклучува и важната крива на резервации за патувања надвор од месецот на поаѓање, иако тие резервации „сè уште имаат потреба од одредена ценовна стимулација“.
Минус од 200 милиони фунти поради војната во Иран
Според податоците од кварталниот извештај за трите месеци заклучно со 30 јуни, EasyJet оствари профит пред оданочување од 85 милиони фунти. Ова е огромно намалување во споредба со истиот период минатата година, кога профитот изнесуваше 286 милиони фунти. Од компанијата истакнуваат дека сметката за гориво пораснала за неверојатни 105 милиони фунти поради скокот на цените на енергенсите предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток.
Иако бројот на резервации во последен момент почна малку да се подобрува, конечниот резултат за целата година „останува зависен од преостанатите важни резервации, како и од цените на горивото, кои продолжуваат да бидат нестабилни“.
Намалена пополнетост на авионите и помалку патници
Покрај скапото гориво, авиокомпанијата се соочи и со намалена пополнетост на авионите (load factor), што е клучен индикатор за успешност во оваа индустрија. Побарувачката беше слаба токму поради војната во Иран и загриженоста на потрошувачите за снабдувањето со гориво за авиони.
Бројот на патници во овој квартал падна за 0.4 отсто, на 25.8 милиони. И покрај ова, компанијата забележува силна побарувачка за резервации во последен момент за летовите и аранжманите за летување, кои ги припишуваат на привлечните цени.
Се засилува трката за контрола над компанијата
Овој финансиски извештај е објавен само две недели откако EasyJet постигна начелен договор за преземање од страна на американската приватна инвестициска фирма Apollo. Понудата од Apollo изнесува 7.15 фунти по акција, со што вредноста на групацијата се проценува на 5.7 милијарди фунти. Овој потег на Apollo е директно мешање во конкурентната понуда од 5.5 милијарди фунти од друга американска инвестициска фирма, Castlelake, со која EasyJet исто така постигна начелен договор само неколку дена претходно.

