ВЕСТИПОЛИТИКА

Манасиевски: Ислам Абази го затвори предметот за модуларните болници за да го спаси Филипче

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска упати остри критики кон Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), обвинувајќи го шефот на оваа институција, Ислам Абази, дека го спасил поранешниот министер за здравство Венко Филипче од одговорност за случајот со модуларните болници.

На денешната прес-конференција, Манасиевски истакна дека точно пет години по оформувањето на предметот, ОЈО ГОКК донело одлука дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба при јавните набавки за 19-те модуларни болници. Тој ги обвини и поранешните обвинителки Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска дека со години го чувале предметот во фиока, додека трета обвинителка на крајот го затворила.

Според владејачката партија, Филипче е директен виновник за трагедијата во Тетово во која изгореа 14 граѓани. Манасиевски потсети дека пред поставувањето на објектите, тогашната влада по итна постапка го изменила Законот за градење, преквалификувајќи ги модуларните болници во урбана опрема, за чие поставување одобрение издавал самиот министер за здравство.

„Дополнително, Филипче не потпишал минимум технички спецификации ниту пак направил елаборат за електрична енергија. Со тоа, тој е директниот виновник за пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември 2021 година. Исто така, да не заборавиме дека објектот во Тетово бил поставен директно над резервоар на бензинска станица“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го шефот на ОЈО ГОКК „аргат на Заев, Филипче и Ахмети“.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Филипче однапред знаел за одлуката, поради што денеска не дал никаков коментар. На крајот од изјавата, Манасиевски порача дека тоа што денеска е затворена истрагата, не мора да значи дека во иднина нема да излезат нови докази и постапката повторно да биде отворена.

Back to top button