
Македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ постави нов апсолутен рекорд на Македонија во дисциплината 200 метри слободно, настапувајќи на Европското првенство кое се одржува во Париз, Франција.
На четвртиот ден од континенталниот собир, Ѓуретановиќ исплива време од 1:52.59, со што постави нов најдобар државен резултат во оваа дисциплина.
Со овој резултат тој го собори 30 години стариот државен рекорд поставен од Александар Маленко во Копенхаген, надминувајќи го претходниот рекорд за 15 стотинки. Воедно, тој пливаше 27 стотинки побрзо од своето претходно најдобро време постигнато во јуни 2026 година во Загреб.
Ѓуретановиќ на шампионатот во Париз продолжува со неговиот втор настап закажан за 16 август 2026 година. Тогаш тој ќе настапи во квалификациите на 400 метри слободен стил, дисциплина во која исто така го држи актуелниот македонски рекорд со време од 3:57,75 минути.
Успехот на македонскиот репрезентативец го објавија и од неговиот актуелен клуб, Пливачкиот клуб „Нови Сад“, од каде преку социјалните мрежи упатија честитки за неговата, како што велат, одлична прва трка на европското првенство.
