ВЕСТИЕКОНОМИЈАПОЛИТИКА

Министерството за економија и труд воведува нова методологија за пресметка на потрошувачката кошница

Министерството за економија и труд воведува нов пристап во следењето на трошоците за живот на граѓаните преку пресметка на просечната потрошувачка кошница, соопштуваат од ова министерство. Новиот модел ќе се темели исклучиво на официјални статистички податоци, на реално остварената потрошувачка на домаќинствата и на пазарните цени на производите и услугите.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на брифинг со медиумите ја презентираше новата методологија, нагласувајќи дека нејзината клучна цел е обезбедување реална, објективна и транспарентна слика за вистинските трошоци на семејствата во земјата. Според Дурмиши, за разлика од досегашните процени кои често се правеа според посакуваните потреби, новиот систем целосно се базира на реално остварени податоци усогласени со меѓународно прифатените статистички класификации.

Министерството за економија и труд објави дека на едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари за минимални трошоци. За храна и пијалоци му биле потребни 21.132 денари, а за здравствени услуги 1.429 денари.

Со оваа измена, институциите настојуваат да воспостават унифициран и прецизен статистички стандард кој ќе го отсликува фактичкиот семеен буџет и ќе послужи како основа за идните економски политики, се истакнува во соопштението од Министерството за економија и труд.

Back to top button