ВЕСТИИМПУЛСМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКАРЕПУБЛИКА
Во тренд

Владата потрошила околу 5,5 милиони евра за 35 години независност на Македонија: Митева со детален извештај

Владата денеска пред јавноста ги презентираше резултатите и финансиската конструкција од реализацијата на националната програма за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија, разработени во деталниот извештај на 81 страница доставен од компанијата задолжена за реализација на проектот, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, на заедничката прес-конференција со директорот на Државна лотарија, Александар Климовски.

Според финансискиот извештај што го презентираше Митева, вкупната вредност на реализираните активности изнесува 340.509.749 денари, распределени во пет основни буџетски категории. Таа појасни дека најголемиот дел од средствата, односно 129.307.500 денари, се однесува на хонорари за артисти и изведувачи. За продукциските потреби на настаните се потрошени 96.272.512 денари, додека логистичките трошоци за транспорт, оперативни активности и техничка поддршка низ градовите изнесуваат 58.527.037 денари. За хонорари на соработниците се исплатени 53.570.250 денари, а за маркетинг биле издвоени 2.832.450 денари, информираше портпаролката.

Во делот на програмските активности, Митева наведе дека биле организирани вкупно 18 настани во 13 градови низ државата, со слободен и бесплатен влез за сите граѓани. Таа истакна дека како еден од најобемните сегменти бил музичко-сценскиот проект „Силно светнал ден“, реализиран во копродукција со продукцијата „ОХО“, кој поминал низ 11 градови: Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје. Како што образложи владиниот портпарол, во оваа програма биле ангажирани 41 македонски вокален изведувач, 20 професионални танчери, актери и оркестар од 15 музичари, при што сцената била опремена и со специјален ЛЕД-под.

Митева се осврна и на меѓународните и домашните концерти, посочувајќи дека манифестацијата започнала со настап на светски познатиот диџеј Стив Аоки, додека во Струмица настапиле Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд. Таа потсети и на настанот од 1 септември кога десет домашни уметници настапија пред светски познатиот тенор Хосе Карерас, придружуван од Македонската филхармонија под диригентство на Давид Хименез. Во рамките на програмата „Најдоброто од Македонија“, како што рече таа, во Струмица, Скопје и Тетово концерти одржаа Мизар, Синтезис, Меморија, Суперхикс, Слаткаристика, Два Бона, Фанк Шуи, Дина Јашари, Каролина Гочева и Елита 5.

За централниот концерт одржан на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со шоуто „The Monolith“ на Давид Гета, Митева посочи дека според извештајот присуствувале околу 50.000 посетители. Таа нагласи дека овој настан бил исклучително комплексен за реализација и појасни дека биле поставени 32-метарски ЛЕД-екран, специјално концертно осветлување и ласери, како и тешкотоварни заштитни панели за да не се оштети тревната површина на стадионот.

Од Владата нагласуваат дека објавувањето на документот овозможува целосен увид во начинот на кој се управувани јавните средства и како беше организиран целиот јубилеј.

Back to top button