
Поранешната портпаролка на Белата куќа, Каролајн Ливит, се приклучува на телевизиската мрежа „Фокс Њуз“ (Fox News) како стручен соработник. Таа ќе ја започне својата нова улога, во која ќе обезбедува коментари и анализи, на 1 ноември, пренесуваат американските медиуми.
Овој потег доаѓа откако Ливит во август поднесе оставка од функцијата портпарол. Тогаш претседателот Доналд Трамп изјави дека таа заминува за да поминува повеќе време со семејството, но дека ќе остане негов надворешен советник. Таа ја започна својата работа во Белата куќа во јануари 2025 година, на почетокот на вториот мандат на Трамп. Според извршната директорка на телевизиската мрежа, Сузан Скот, директното искуство на Ливит во Белата куќа и во претседателската кампања ѝ даваат специфично разбирање за денешниот политички пејзаж.
Самата Ливит изрази благодарност за можноста да продолжи да се појавува на каналот како официјален член на тимот. Таа истакна дека со нетрпение очекува да ја пренесе својата единствена перспектива од искуството како портпарол на Белата куќа, со истата енергија и искреност, до милионите гледачи на мрежата.
Инаку, Ливит е најмладата личност во американската историја која ја извршувала функцијата портпарол на Белата куќа. Пред оваа позиција, таа беше национален портпарол за претседателската кампања на Трамп во 2024 година. Во 2022 година беше републикански кандидат за Конгресот во Њу Хемпшир, а претходно беше и директорка за комуникации на конгресменката Елис Стефаник. За време на првата администрација на Трамп, Ливит работеше како претседателски пишувач и помошник портпарол. Дипломирала политика и комуникации на колеџот „Сент Анселм“ во 2019 година.
