МВР распиша меѓународна потерница по Ива Михаилова

Министерството за внатрешни работи распиша централна и меѓународна потерница по 23-годишната Ива Михаилова од Кочани.
Според официјалното соопштение од МВР, потерницата е издадена по барање на Основниот суд Кочани. Михаилова се бара за сторени кривични дела предвидени според член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик.
По бегството на Ива Михаилова во Бугарија пред два дена, кочанскиот суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и ѝ одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Осомничената ќе биде задржана во ефективен притвор веднаш по нејзиното пронаоѓање, со оглед на тоа што таа ја напушти државата и покрај претходно изречените мерки за претпазливост и веќе одземената патна исправа.
Поради ваквиот развој на настаните, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска на разговор беше повикан бугарскиот амбасадор, Желјазко Радуков. На дипломатската средба му било посочено дека начинот на кој Михаилова е пречекана во Софија, како и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставуваат провокација која ги нарушува заложбите за добрососедство и ги подрива напорите за градење доверба.
Од Министерството му укажале на амбасадорот дека ваквото однесување значи директно мешање во македонскиот правен систем и праќа крајно лоша порака за почитувањето на судските процеси и еднаквоста пред законите. Било потенцирано дека ниту националната припадност, ниту поседувањето на друго државјанство не може да послужат како штит од одговорност пред надлежните институции во државата. За целиот случај, надлежното министерство најави дека официјално ќе ги извести меѓународните организации, вклучително и Европската Унија и Советот на Европа.
