АРТВЕСТИ

Промоција на „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски: Непознати страници за Конески, Рацин и Иљоски

Во Салонот „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, на 3 ноември (вторник) со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоцијата на новото научно и книжевно-критичко дело „Без повод за поводи“ од авторот Иван Антоновски. Книгата излегува како дел од јубилејната издавачка продукција по повод 35 години постоење на „Матица македонска“.

Делото содржи 23 студии распоредени во пет целини, во кои Антоновски го преиспитува она што се смета за веќе познато во македонската книжевност. Преку истражување на оставината во Архивот на МАНУ, авторот открива необјавени драмски текстови на Васил Иљоски, меѓу кои и делото „Младоста не се враќа“. Книгата фрла нова светлина и врз раната поезија на Блаже Конески, критичарската дејност на Кочо Рацин, есеистиката на Анте Поповски, како и помалку проучуваните дела на Ацо Шопов. Посебно место во книгата зазема и обемната студија посветена на поезијата на новите автори родени во самостојна Македонија.

Организатор на настанот е КИЦ – Скопје, а промотор на книгата ќе биде проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература. Таа ќе даде критички осврт кон научниот придонес на делото, по што ќе следува и книжевен разговор со авторот. Според рецензентот проф. д-р Веле Смилевски, студиите на Антоновски претставуваат „автентична критика од модерен тип“, која се одликува со голема аналитичност во толкувањето и прецизност во судoт.

Самиот наслов произлегува од ставот на авторот наведен во предговорот дека „книжевната наука не смее да се движи според календарот“, алудирајќи на тоа дека годишнините може да бидат само поттик за истражување, но вредноста на делата не завршува со поводот.

Back to top button