
Авион на авиокомпанијата „Рајанер“ (Ryanair), кој во петокот наутро, на 10 јули, сообраќал на релација од Солун за германскиот град Меминген, бил принуден итно да се врати и да слета на солунскиот аеродром набрзо по полетувањето. Причина за инцидентот е прозорец од патничката страна кој, под дејство на физичка сила, бил целосно избиен во текот на летот, потврдија од авиокомпанијата во изјава за порталот „Н1“.
Според официјалниот одговор од „Рајанер“, еден од патниците побарал и добил медицинска помош веднаш по слетувањето на земја во Солун, но од компанијата не прецизираа како точно дошло до неговите повреди. Од таму додадоа дека леталото слетало нормално, патниците биле безбедно вратени на терминалот, а подоцна бил организиран заменски авион со кој тие биле превезени до нивната крајна дестинација во Меминген.
Патници спасувале маж кој воздушниот притисок за малку ќе го извлечел надвор
Од „Рајанер“ одбија да ги коментираат наводите дека еден од патниците за малку ќе испаднел од леталото по кршењето на прозорецот до кој седел. Сепак, грчките медиуми претходно објавија дека во авионот настанала огромна паника кога стаклото пукнало, при што силниот воздушен притисок почнал да го влече патникот надвор од авионот. Според медиумските извештаи, несреќата била спречена благодарение на неговата сопруга и другите присутни патници, кои успеале цврсто да го задржат во кабината.
NEW: Ryanair passenger, 61, nearly sucked out of Greece–Germany flight after damaged engine debris shatters cabin window; suffers friction burns pic.twitter.com/L8cpxF1Ad9
— Rapid Report (@RapidReport2025) July 10, 2026
Грчкиот портал „Прототема“ објави дополнителни детали, наведувајќи дека станува збор за 61-годишен маж со потекло од Србија, кој поради сериозноста на задобиените повреди бил задржан на лекување во болница.
Специјализираниот сајт за следење летови „Флајтрадар24“ (Flightradar24) објави дека инцидентот се случил на висина од околу 4.500 метри, по што пилотот веднаш го спуштил авионот на височина под 2.000 метри за да го испушти вишокот гориво пред безбедното принудно слетување.
