АРТВЕСТИ

Свечено затворање на 14. „Џифони Македонија“

Вечерва со почеток во 19 часот во киното „Фросина“ свечено ќе биде затворено четиринаесеттото издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“. На завршниот настан, џифонци ќе ги претстават делата кои ги креираа во изминатите пет дена за време на фестивалските работилници. Вечерва ќе бидат прогласени најдобрите филмови на овогодишното издание, а ќе бидат избрани и учесниците кои ќе ја претставуваат Македонија на централниот филмски фестивал „Џифони“ во Италија во 2027 година.

Во текот на изминатите денови, фестивалската програма се одвиваше на две локации. Учениците од шесто до деветто одделение ја имаа улогата на јуниорско жири во Кинотеката, каде проследија бројни проекции и учествуваа во креативни работилници. Тие учеа за мјузикл со Лада Шоптрајанова Петровска, за ликовна уметност со Моника Мотеска и за краток филм со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

Програмата за средношколците се реализираше во Младинскиот културен центар (МКЦ). Голем интерес меѓу повозрасните џифонци предизвика проекцијата на финскиот документарец „Кој те создаде“ (Who Made You) на режисерката Ирис Харма, кој од хуманистичка перспектива го истражува брзиот развој на вештачката интелигенција. Во разговорот со младите, Харма истакна дека општеството и властите мора да ги разберат технологијата и ризиците од нејзиното користење, потенцирајќи ја важноста на отворениот дијалог и поголемата контрола врз вештачката интелигенција.

Покрај филмските проекции, средношколците се едуцираа за краток документарен филм со режисерот Ханис Багашов, за филмска фотографија со Елена Бојаџиева-Цветковска и за изработка на сториборд со Здравко Гиров и Давор Драмикјанин од здружението „Макстрипови“. Софтверскиот инженер Александар Колов одржа иновативна работилница за 3Д-принтање со користење на рециклирана пластика.

Фестивалот „Џифони Македонија“ се реализира со поддршка на Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, италијанската амбасада и културен институт, организацијата „Џифони Експириенс“, Град Скопје и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.

Back to top button