Бран на невидени средношколски протести кои започнаа во сиромашните предградија се прошири низ цела Франција, при што учениците со канти за ѓубре, метални бариери и колички од супермаркети ги блокираат училиштата изразувајќи револт против нееднаквоста и полициската бруталност. Овие демонстрации, кои брзо прераснуваат во најголемото младинско протестно движење во последните децении, ја затекнаа владата неподготвена, пренесува британски Гардијан.
Учениците бараат повеќе финансии, поголема еднаквост, решавање на проблемот со недостиг на наставници и санирање на руинираните објекти. Демонстрациите резултираа со жестоки судири во кои досега се повредени најмалку 215 тинејџери, 715 полицајци и 85 членови на наставниот кадар. Министерството за правда соопшти дека од почетокот на протестите се уапсени 5.060 лица, од кои 87 отсто се малолетници. Покренати се постапки против повеќе од 1.800 лица, а 24 училишта се запалени или уништени.
Во тек се десет истраги за можна полициска бруталност по сериозните повреди предизвикани од полициско оружје, вклучувајќи случаи на 15-годишник кој изгубил рака, друг ученик кој изгубил око, како и момче со скршена вилица. Средношколците на барикадите се жалат на несразмерна употреба на сила, солзавец и тешко оружје од страна на полицијата, обвинувајќи ја државата за планирано и институционализирано насилство врз деца кои сакаат мирно да протестираат.
Протестното движење добива поддршка и од родителите, синдикалците и наставниците, кои маршираат низ Париз, Тулуз, Ница и Бордо. Покрај барањата за подобрување на дискриминаторскиот образовен систем кој не им нуди исти можности на децата од предградијата и оние од центрите на градовите, тинејџерите гласно протестираат и против растот на екстремната десница и политичарката Марин Ле Пен, во пресрет на претседателските избори во 2027 година.
