
Вториот клучен столб на ребалансот на Буџетот е развојот на општините и инфраструктурата, при што капиталните расходи бележат раст од 14,5 проценти и достигнуваат речиси 46 милијарди денари, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Според него, со ребалансот капиталните дотации до општините се зголемуваат за околу 1 милијарда и 683 милиони денари, со што централниот буџет станува главен двигател на локалниот развој преку финансирање на конкретни проекти за патишта, водоводи и пречистителни станици.
Зголемени буџети за животна средина и транспорт
Стојаноски информираше дека Министерството за животна средина добива дополнителни 2,412 милијарди денари, што претставува зголемување од над 54 проценти. Тој потенцираше дека ова е најголемо ресорско зголемување и претставува јасен сигнал дека проектите за отпад, отпадни води и намалување на загадувањето не остануваат само декларативна заложба. Истовремено, Министерството за транспорт добива дополнителни 1,806 милијарди денари.
„Во рамките на развојните проекти, средствата за железничката инфраструктура растат за околу 743 милиони денари, а за инфраструктурни проекти во општините за околу 665 милиони денари. Ова е важна промена во пристапот. Централниот буџет не смее да биде само сметка од која се финансира администрацијата. Тој мора да биде двигател на локалниот развој“, порача Стојаноски.
Тој додаде дека средствата за живеалишта и развој на заедниците се зголемуваат за 1,1 милијарда денари, нагласувајќи дека добро изградената инфраструктура не е трошок, туку предуслов за нови инвестиции и повисок квалитет на живот, а обврска на власта е тие средства да се реализираат транспарентно и навремено.
