ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Општина Карпош исклучи четири фонтани како превенција од Западнонилската треска

Во насока на преземање активности за справување со вирусот на Западнонилската треска, Општина Карпош донесе одлука да ги исклучи четирите фонтани кои се наоѓаат на нејзина територија.

Како што соопштуваат од локалната самоуправа, општинските служби го преземаат овој чекор како директна превентивна мерка за спречување на појавата на ларви и комарци, кои се главни преносители на ова вирусно заболување. За таа цел, од денеска се исклучени фонтаните во населбата Бардовци, спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, на плоштадот „Делфина“ во Влае, како и фонтаната во Карпош 3, спроти маркетот Тинекс.

Од Општина Карпош изразуваат надеж за разбирање од страна на граѓаните, потенцирајќи дека мерката се презема исклучиво во интерес на безбедноста и јавното здравје на сите жители. Истовремено, тие упатуваат апел до сите карпошани строго да се придржуваат до препораките издадени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Back to top button