Прослава во Битола со караванот „Силно светнал ден“ по повод 35 години независност [ФОТО]

Многубројна публика и незаборавна атмосфера на платото пред Офицерскиот дом во Битола донесе караванот со музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“, кој се одржува по повод 35 години независност на Македонија, информираат од Општина Битола.
Преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски перформанс, пред битолчани беше раскажана приказната за три и пол децениската независност на татковината. Од локалната самоуправа посочуваат дека низ програмата биле истакнати најзначајните историски моменти, подемите, предизвиците и достигнувањата на државата во изминатиот период. „Силно светнал ден во Битола, нека ни е вечна Македонија“, била едногласната порака на присутните, се наведува во општинското соопштение.
Во пресрет на државниот празник 8 Септември, кој годинава го одбележува големиот јубилеј од 35 години независност, караванот ќе посети вкупно 11 градови низ државата. Настанот, кој вклучува настапи на познати македонски изведувачи и актери, на емотивен и спектакуларен начин го започна одбележувањето на овој значаен датум, заклучуваат од Општина Битола.
