
Официјалните лица во американската сојузна држава Тенеси не успеаја да ја извршат смртната казна врз Криста Пајк, и покрај тоа што ѝ биле дадени две дози од лекот за смртоносна инјекција. По неуспешниот обид, таа со брза помош е пренесена во болница. Нејзините адвокати за локална телевизија изјавија дека процесот се претворил во агонија и претставува кршење на правото на Пајк да биде погубена без сурови и невообичаени казни.
Одделот за корекција во Тенеси подоцна потврди дека таа го преживеала обидот за егзекуција. Оттаму соопштија дека хемикалијата од протоколот досега била доследно ефикасна, но дека правилата не дозволуваат дополнителни процедури надвор од она што било спроведено таа вечер. Во соопштението се заклучува дека осуденичката е транспортирана во медицинска установа надвор од затворот.
За време на прес-конференција, медиумските сведоци опишаа дека ја слушале Пајк како ‘рчи 40 минути откако ѝ биле администрирани две дози пентобарбитал. Седум новинари кои биле присутни на егзекуцијата, во пренос во живо на телевизијата „WVLT“ изјавија дека по инјектирањето таа била очигледно жива пред официјалните лица да ги изнесат надвор. Истражувачкиот новинар Џон Норт од „WBIR“ додаде дека кога ја напуштиле зградата, колку што им било познато, таа веројатно сè уште била жива. Адвокатите на Пајк веднаш поднеле итно барање до Врховниот суд на САД за стопирање на егзекуцијата поради „непотребна агонија“.
Педесетгодишната Пајк требаше да биде погубена во средата во 10 часот наутро, што ќе ја направеше првата жена погубена во Тенеси по повеќе од 200 години. Апелациониот суд ја стопираше смртоносната инјекција само еден час пред почетокот со одлука 2-1, за да се процени дали нејзините наводи за сексуална злоупотреба во детството биле целосно разгледани при изрекувањето на казната. Јавниот обвинител на Тенеси веднаш поднел жалба, нарекувајќи го ова „тактика на насилно одложување“, според „Асошиетед прес“. Врховниот суд на САД подоцна ја укина одложувачката одлука, со налог потпишан од судијата Брет Кавано. Судијката Соња Сотомајор, заедно со судијките Елена Каган и Кетанџи Браун Џексон, изразија несогласување со одлуката на судот.
Пајк е осудена за бруталното убиство на 19-годишната Колин Слемер, нејзина соученичка, извршено на 12 јануари 1995 година. Според обвинителите, 18-годишната Пајк и нејзиното 17-годишно момче, Тадарил Шип, ја намамиле Слемер во шума бидејќи Пајк стравувала дека жртвата се обидува да ѝ го преземе момчето. Пајк ѝ ги расекла стомакот и грлото со скалпел пред да ѝ ја смачка главата со камен, додека Шип ѝ изрезбал пентаграм на градите. Подоцна таа му покажала на пријател фрагмент од черепот на жртвата. Шип во 1997 година доби доживотна казна затвор со можност за условно ослободување.
Пајк никогаш не го негираше убиството, а подоцна ѝ беше дијагностицирано биполарно растројство и посттрауматско стресно растројство. Во нејзината молба за помилување, таа навела дека била ментално болна и дека ѝ се лоши од помислата за стореното злосторство. Мајката на жртвата, Меј Мартинез, за „Асошиетед прес“ изјавила дека ја чека егзекуцијата, додавајќи дека не поминува ниту ден без да помисли на болката на нејзината ќерка, а празниците се најтешки.




