ВЕСТИПОЛИТИКА

Митева до Спасовски: Твојата конструкција е очигледна, а моето име го ставаш во неа само за да ме дискредитираш

Владината портпаролка Марија Митева ги отфрли обвинувањата од пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски дека директорот на Агенцијата за слободен пристап до информации фалсификувал документи за да ја спаси од казна. Оценувајќи ги неговите изјави како „политичка конструкција чија цел е политичка дискредитација“, Митева го повика Спасовски да ги повтори истите тврдења надвор од собраниската говорница, каде што не ужива комфор и заштита од одговорност за изнесените квалификации.

Реакцијата следи откако Спасовски од Собранието обвини дека Петар Гајдов, како тогашен претседател на Прекршочната комисија во Агенцијата, манипулирал со записници за да запре постапка против Митева, која во тоа време како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ наводно не доставила навремен извештај. Митева категорично негира дека некогаш побарала од кого било да ја „спасува“ или дека имало каква било нејзина интервенција за незаконско постапување, барајќи од пратеникот да ги изнесе доказите директно, со име и презиме.

Возвраќајќи на прозивките за фалсификување, владината портпаролка го потсети Спасовски на скандалите за време на неговото раководење со Министерството за внатрешни работи. Таа посочи дека кога веќе толку лесно зборува за фалсификати, редно е да се потсети на времето кога како министер беше откриен скандалот со група полициски службеници вмешани во издавање 214 пасоши на странски државјани под туѓ идентитет, меѓу кои имаше и лица поврзани со меѓународни криминални групи. „Знаеме сите дека СДС има искуство со вакви конструкции. Долго време бевте на чело на систем во кој политичките приказни се користеа како средство за пресметка со политички противници“, заклучи Митева.

Back to top button