ВЕСТИМАКЕДОНИЈАПОЛИТИКА

СДСМ поднесе кривични пријави против Клековски и здравствените директори за труењето во Гостивар

Кривични пријави против министерот за здравство Сашко Клековски и тројца директори на здравствени и инспекциски институции поднесе денеска опозицискиот СДСМ, обвинувајќи ги за системски пропусти и непостапување за време на масовното труење со вода во Гостивар, информираат од партијата на денешната прес-конференција.

Пријавата, покрај министерот Клековски, ги опфаќа и директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов, како и Шпенди Амети, директор на Центарот за јавно здравје во Тетово. Според членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, повеќе од еден месец по инцидентот во кој речиси 5.000 граѓани завршиле во болница, сè уште нема никаква политичка ниту кривична одговорност за, како што вели, овој тотален распад на институциите.

Од опозицијата ги обвинуваат пријавените дека од јуни 2026 година до денес не презеле соодветни дејствија и мерки за заштита на здравјето и спречување на последиците од загадувањето. СДСМ тврди дека граѓаните на Гостивар 22 дена пиеле отровна вода со фекалии, а во еден момент дури било и соопштено дека водата е исправна за пиење. Партијата наведува дека надлежните доцнеле со реакциите и со прогласувањето на епидемијата, иако дневно по 200 граѓани се пријавувале со здравствени тегоби.

Дополнително, од СДСМ реагираат дека се криеле информации од граѓаните и дека никогаш не била објавена официјална анализа или извештај за водата. Оценувајќи дека нема поголем скандал од вакво поигрување со животите на луѓето, од партијата го повикаа Јавното обвинителство веднаш да постапи по нивната кривична пријава и да ги утврди фактите, посочувајќи дека досега институцијата ги игнорирала повиците за преземање конкретни чекори.

Back to top button