Отворено предавање и работилница за друштвената игра „Синхроницитети“ – поттикнување на креативноста и размислувањето
Визуелниот уметник Марко Трпески, писателот Владимир Јанковски и психотерапевтот Никола Дукоски ќе разговараат за моќта на играта „Синхроницитети – Чувари на приказната“. Настанот во Скопје Сити Мол нуди можност за поттикнување на креативноста, без однапред зададени правила и точни одговори.

Скопје Сити Мол и киното Синеплекс оваа сабота (14 ноември), со почеток во 12 часот, ќе бидат домаќини на отворено и бесплатно предавање посветено на друштвената игра „Синхроницитети – Чувари на приказната“, чиј автор е визуелниот уметник и графички дизајнер Марко Трпески. Посетителите ќе имаат единствена можност преку разговор со авторот, писателот Владимир Јанковски и психотерапевтот Никола Дукоски, да дознаат како визуелните симболи и личните асоцијации можат да поттикнат создавање на нови приказни.
„Синхроницитети“ е друштвена игра наменета за возрасни и за деца над 8 години, која ја слави слободата на размислување. Таа не нуди однапред зададени толкувања и строги упатства, туку секој играч ја доживува сликата на свој начин, поврзувајќи ја со сопствената имагинација и искуства.
Според авторот Марко Трпески, играта е многу повеќе од забава – таа е алатка за истражување на светот. „Синхроницитети поттикнува да излеземе од вообичаениот начин на размислување, да ги поврзуваме работите кои на прв поглед немаат ништо заедничко и да откриваме значења кои можеби претходно не сме ги забележале. Суштината не е само да создадеме нешто ново, туку преку создавањето да откриеме нешто и за самите себе“, објаснува Трпески.
Од психолошки аспект, психотерапевтот Никола Дукоски посочува дека играта има огромно значење за детскиот развој, особено по осмата година. Таа го поттикнува симболичкото и асоцијативното размислување, помагајќи им на децата слободно да ги искажуваат идеите без страв од грешка. „Кога детето ќе открие дека една слика може да има повеќе значења, учи дека и другите луѓе можат да ја доживуваат истата работа на различен начин. Тоа ја развива неговата способност за флексибилно размислување, но и за разбирање на другите“, нагласува Дукоски.
Писателот Владимир Јанковски, пак, прави паралела меѓу играта и процесот на уметничко создавање, каде креативноста не мора да започне со јасна претстава за конечниот резултат. „Уметникот не мора уште на почетокот да знае што точно ќе произлезе од неговата работа. Создавањето е процес во кој, додека се менува делото, се менува и самиот автор“, вели Јанковски, посочувајќи дека играта е спој на разумот и интуицијата.
Веднаш по предавањето, од 13 часот, настанот ќе продолжи со работилница за креативно пишување преку играта. Присутните ќе можат самостојно да ги испробаат картите и да создаваат сопствени приказни инспирирани од сликите.
