
Партијата ВЛЕН излезе со остра реакција по денешната одлука на Специјализираните совети на Косово во Хаг, кои ги прогласија за виновни за воени злосторства четворицата поранешни високи лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Хашим Тачи и Јакуп Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години.
Од ВЛЕН соопштуваат дека со длабоко жалење и огорченост ја примиле веста за изречените казни, оценувајќи ги како „високи и неприфатливи“. Тие посочуваат дека по долг и оспоруван процес, овие истакнати личности на ослободителната војна остануваат далеку од своите семејства и од Косово.
„Денешната пресуда не ја доведе во прашање легитимноста на ОВК. Војната на Ослободителната војска на Косово беше праведна борба за слобода, водена во услови на репресија и злосторства на режимот на Слободан Милошевиќ. Оваа историска вистина не може да ја промени ниту една пресуда“, се вели во партиското соопштение.
Истакнувајќи дека станува збор за првостепена одлука, од ВЛЕН нагласуваат дека правната битка продолжува. Тие очекуваат во жалбената постапка сериозно да се разгледаат аргументите на одбраната со цел да се исправи, како што велат, оваа неправда.
На крајот од соопштението, партијата изрази целосна поддршка и солидарност со семејствата на осудените, нивните соборци и народот на Косово, заклучувајќи дека „ОВК се бореше за слобода и таа вистина не се препишува“.
