ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Град Скопје ја спроведе десеттата фаза од дезинсекцијата против комарци

Во раните утрински часови денеска беше спроведена десеттата фаза од дезинсекцијата против возрасни форми на комарци на подрачјето на градот Скопје, информираат од градските власти.

Според најавите, активностите ќе продолжат и во текот на утрешниот ден, согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот подготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје. Со цел дополнително сузбивање на инсектите и заштита на здравјето на граѓаните, за наредната недела е закажана и нова теренска дезинсекција од земја.

Континуирани третмани од мај до јули

Од Градот Скопје потсетуваат дека во изминатиот период системски се реализирале повеќе третмани за сузбивање на ларвите и на возрасните форми на комарци.

Дезинсекцијата против ларви се спроведуваше авионски на 7 мај, 11 јуни и 10 јули, додека теренски на 26 јуни и 23 јули. Прскањето против возрасните комарци, пак, се одвиваше преку авионски третмани на 1 и 2 јуни, како и на 27 и 28 јуни, додека теренската дезинсекција се спроведе на 18 и 20 јуни и на 13 и 15 јули.

„Продолжуваме одговорно, навремено и системски да работиме на заштита на јавното здравје и подобар квалитет на живот за граѓаните“, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Back to top button