ВЕСТИПОЛИТИКА

Предвремени избори во Брвеница: Граѓаните ќе бираат нов градоначалник на 18 октомври

На 18 октомври оваа година ќе се одржат предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница. Одлуката за распишување на изборниот процес денеска официјално ја потпиша претседателот на Собранието, Африм Гаши, повикувајќи на мирен и кредибилен процес кој ќе ја потврди демократската зрелост на државата.
Очекувањата од Државната изборна комисија (ДИК), Општинската изборна комисија на Брвеница и сите надлежни органи се изборите да бидат спроведени професионално, непристрасно и со целосно почитување на законите и процедурите, информираат од кабинетот на Гаши.
Апел за достоинствена кампања без поделби
Претседателот на Собранието упати директен повик до политичките субјекти и кандидатите да водат достоинствена изборна кампања, во која ќе се натпреваруваат со програми, идеи и визија за развојот на општината. Тој апелираше да се избегнува говор што поттикнува поделби или постапки кои ја нарушуваат довербата во демократскиот процес.
„Ги повикувам граѓаните на Брвеница да учествуваат на изборите и одговорно да го остварат своето демократско право, придонесувајќи кон мирен, уреден и кредибилен изборен процес што ќе го одреди идниот правец на развој на нивната општина. Убеден сум дека овие избори ќе ја потврдат демократската зрелост на институциите и на нашите граѓани“, порача Гаши по потпишувањето на одлуката.
Back to top button