АРТВЕСТИ

Прогласени седумте победнички книги на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек #5“

Регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ по петти пат ги прогласи најдобрите литературни остварувања, издвојувајќи седум книги кои ја исцртуваат субверзивната мапа на современата книжевност во регионот. Прогласувањето се одржа во рамките на есенската програма на Фестивалот за критичка култура – КРИК, соопштуваат организаторите.

Во годинешната конкуренција се најдоа над осумдесет наслови објавени во текот на 2025 година на македонски и на БХСЦ (босански, хрватски, српски, црногорски) јазиците. Според организаторите, зад оваа бројка стои разновиден книжевен пејзаж кој опфаќа романи, поезија, драма, книги за деца и млади, како и хибридни и мултимедијални дела.

Процесот на селекција се одвивал во две фази. Првото жири издвоило триесет наслови во потесниот избор, по што второто жири, во состав Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин, го направило конечниот избор од седум книги.

Жирито притоа посебно го вреднувало начинот на кој делата ја поврзуваат книжевната вредност со современите општествени прашања, како што се припадноста, насилството, војната, екологијата, зависноста и патријархатот.

Во конечниот избор на „Штефица Цвек #5“ се најдоа следните седум наслови:

„Хероин, леб и рудници на сулфур“ од Никола Страшек – дело кое го проширува личното искуство на зависноста кон проблемот на општествената маргинализација.

„Битки кои не се наши“ од Федор Марјановиќ – поетска збирка каде приватното искуство се судира со општествените механизми на исклучување.

„Памук“ од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски – интердисциплинарна приказна за екологијата и последиците од човековиот однос кон природата.

„Калибан“ од Анѓела Булајиќ – дело кое низ личните приказни на сезонски работници ја обработува еколошката проблематика на Ада Бојана.

„Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска – роман со бајковидна структура кој ги отвора прашањата за различноста, бегалците и прифаќањето на „другиот“.

„Во куќата и во градината имаше многу цвеќе“ од Габриела Рукел Крашковиќ – роман кој го истражува секојдневното дејствување на патријархатот низ семејните односи.

„На слово Ф“ од Лејла Каламујиќ – фрагментарна приказна за последиците од траумата и стигматизацијата на менталните болести.

Изборот „Штефица Цвек“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ (Македонија), Побунети читателки (Србија), Нараториум (Босна и Херцеговина) и Културтрегер/Букса (Хрватска). Иницијативата е поддржана од „Kvinna till Kvinna Foundation“, „Heinrich Böll Foundation – Sarajevo“ и „Rekonstrukcija Ženski Fond“.

Back to top button