Драги Ѓоргиев: Барањето гаранции за идентитетот од Брисел е барање нов „поголем брат“ и показател за национална незрелост

Постојаното инсистирање на македонската влада за добивање гаранции од Брисел за македонскиот идентитет, јазик и култура во преговарачкиот процес открива наследена политичко-психолошка состојба и потреба од „поголем брат“ кој ќе нѐ штити. Ова во колумна објавена на Либертас, го истакнува Драги Ѓоргиев, поранешен претседател на македонскиот тим во мешовитата комисија за историски и образовни прашања со Бугарија.
Иако барањето гаранции за предвидлив процес на преговори без нови услови е сосема легитимно, Ѓоргиев предупредува дека постојаното врзување на овој процес со идентитетските прашања создава впечаток дека потребата од надворешна потврда за тоа кои сме е поважна од самите преговори.
Синдромот на „заштитник“: Од југословенски Белград до Брисел
Во својата анализа, Ѓоргиев прави историска паралела со периодот на Југославија, кога улогата на гарант на македонскиот идентитет ја играше Белград, улога која сега се очекува да ја преземе Брисел. За да ја илустрира променливоста на овие „заштитници“, тој посочува два симптоматични настани.
Првиот е скандалот од 1966 година, кога соработката меѓу југословенските и бугарските писатели била прекината бидејќи Бугарија одбила да потпише договор на македонски јазик. Тогаш, југословенскиот Белград застанал во одбрана на македонската посебност и дипломатски протестирал.
Педесет години подоцна, во 2016 година, српскиот Белград покажал поинакво лице. Градските власти го преименувале булеварот „Гоце Делчев“ во „Маршал Толбухин“. Тогашниот градски менаџер Горан Весиќ и историчарот Александар Животиќ го окарактеризирале Делчев како „антисрпски идеолог“, а македонската перцепција за него како обичен мит од 40-тите години.
„Класична историска иронија. Заштитникот кој неколку децении порано го бранеше македонскиот јазик и идентитет, без никакви емоции го избриша името на најзначајниот македонски национален херој од картата на Белград“, пишува Ѓоргиев, потенцирајќи дека заштитниците секогаш се водени од своите политички интереси, а не од вечна љубов.
Зрелите нации не бараат туѓо заверување
Поранешниот претседател на историската комисија смета дека ист ќе биде случајот и со Брисел, чии интереси исто така се менуваат. Според него, какви било гаранции од Европската Унија нема ниту да го засилат, ниту да го заштитат македонскиот идентитет, туку само ќе остават горчлив вкус дека ни е потребна туѓа потврда за сопственото постоење.
„Нација која пораснала и созреала нема потреба на оспорувањата да одговара со барање за туѓо потврдување. Еден од најважните сегменти на таа зрелост претставува храброто соочување со сопственото минато“, нагласува Ѓоргиев.
Тој лоцира дека во Македонија сѐ уште отсуствува отворена дебата за сложените историски личности и настани поради стравот дека поинаквото толкување ќе создаде национална паника и ќе го загрози етаблираниот наратив. Според Ѓоргиев, наместо да бара нов Белград во Брисел и да се негува во несигурност под заштита на „поголем брат“, на македонската нација ѝ е потребна самодоверба храбро да ја истражи својата сложена историја. Само тоа, заклучува тој, ќе биде најдобрата гаранција за нејзиното постоење.
