ВЕСТИПОЛИТИКА

Јанушев се огради од приведениот возач: Незаконското постапување е негова лична одговорност, СДСМ прави бедни конструкции

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, целосно се огради од постапките на неговиот возач кој заработи притвор за примање мито од 1.500 евра, оценувајќи ги обвинувањата од СДСМ како крајно несериозни и политички бедни конструкции, се наведува во неговата денешна писмена реакција до јавноста.

Реакцијата следи откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека вработен во владината служба е фатен со обележани 500 евра, како дел од побаран поткуп за посредување при вработување на пожарникар во Град Скопје. По објавата на Обвинителството, опозициската СДСМ директно го прозва Јанушев, прашувајќи каква е неговата улога во скандалот и дали возачот бил само негова продолжена рака во барањето мито.

Во својот одговор, Јанушев децидно тврди дека постапувањето на приведеното лице нема апсолутно никаква врска со него, со неговата функција или со каква било негова одлука. Тој појаснува дека станува збор за возач кој во минатото работел и кај други функционери, додека на позицијата кај генералниот секретар е само околу шест месеци. Според Јанушев, кривичното дело е исклучиво лична одговорност на сторителот кој мора да одговара пред надлежните институции, додавајќи дека нема да дозволи нечии незаконски постапки да го валкаат угледот на луѓето кои чесно работат.

Поздравувајќи ја акцијата на истражните органи и храброста на граѓанинот кој го пријавил поткупот, генералниот секретар нагласи дека актуелната Влада има нулта толеранција за корупцијата без разлика кој е сторителот. Според него, проблемот на СДСМ е што не можат да прифатат оти денес институциите неселективно постапуваат и никој не е заштитен ако го прекршил законот. Јанушев заклучува дека опозицијата намерно измислува врски и фрла клевети за да произведе политичка приказна од акција која, всушност, докажува дека системот конечно функционира и дека времето на заштита од одговорност е завршено.

Back to top button