ВЕСТИМАКЕДОНИЈАХРОНИКА

Запленети над 500 кубни метри дрвна маса и поднесени 140 пријави

Шумската полиција во текот на септември и почетокот на октомври заплени над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и поднесе 140 пријави во рамки на засилените акции против нелегалната сеча низ државата.

Привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за незаконска сеча и превоз. Според надлежните, контролите се насочени кон подрачјата каде што дејствуваат организирани групи на дрвокрадци, со цел сузбивање на нелегалното снабдување на населението и производствените капацитети со кое се нанесува штета на шумскиот фонд.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, најави дека засилените акции ќе продолжат и во наредниот период. Тој истакна дека заштитата на шумите е јавен интерес и оти Шумската полиција има целосна поддршка од Министерството за одлучно и доследно постапување.

Во пресрет на грејната сезона, Министерството упати апел до граѓаните да купуваат огревно дрво исклучиво од лиценцирани продавачи и складови, како и да пријавуваат сомнежи за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до Шумската полиција и другите надлежни органи.

Back to top button