Легендарниот американски режисер Џорџ Лукас, креатор на култната франшиза „Војна на ѕвездите“, смета дека вештачката интелигенција ќе стане неразделен дел од филмската индустрија и дека нејзиниот развој не може да се запре.
Во интервју за списанието „A Rabbit’s Foot“, 82-годишниот Лукас изјави дека вештачката интелигенција значително го олеснува процесот на создавање филмови.
„Вештачката интелигенција значи дека е многу полесно да правиме филмови“, рекол Лукас.
Тој ги споредил критичарите на новата технологија со луѓето кои во минатото се противеле на автомобилите и верувале дека коњските запреги се подобро решение.
„Нема ништо што може да направите во врска со тоа. Тоа е прогрес, тоа е иднината“, нагласил режисерот.
Лукас не е единствениот филмски автор кој позитивно гледа на употребата на AI алатките. Британскиот режисер Герет Едвардс, познат по филмот „Одметник Еден: Приказна од Војна на ѕвездите“ (Rogue One: A Star Wars Story), неодамна изјави дека генеративната вештачка интелигенција е исклучително корисна помош во креативниот процес.
Од друга страна, меѓу најгласните скептици е режисерот Кристофер Нолан, автор на филмовите „Опенхајмер“, „Интерстелар“ и „Темниот витез“. Нолан неодамна оцени дека јавноста, особено младите, покажува значителна недоверба кон содржините создадени со помош на вештачка интелигенција.
Повеќе резерви има и американскиот режисер Стивен Содерберг, кој смета дека сè уште е рано да се процени какво ќе биде долгорочното влијание на технологијата врз филмската уметност.
Покрај темата за вештачката интелигенција, Лукас упати критики и кон сè поголемото влијание на фокус-групите и тест-публиката врз холивудските студија. Според него, публиката не треба директно да одлучува како ќе изгледа еден филм.
„Не сакам фокус-групи. Публиката не знае што сака да гледа. Денес сè се врти околу тоа што мислат фановите. Така не се прави филм“, порача Џорџ Лукас.
Неговите изјави доаѓаат во време кога дебатата за улогата на вештачката интелигенција во филмската индустрија станува сè поинтензивна, а Холивуд останува поделен околу прашањето дали AI ќе биде револуционерна алатка или закана за креативноста и работните места во индустријата.
