
Нашата европска определба останува јасна и непроменета, но бараме процес кој ќе биде фер, заснован на јасни правила и кој нема постојано да биде отворен за нови билатерални условувања. Ова е главната порака што премиерот Христијан Мицкоски ѝ ја упати на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на денешната заедничка прес-конференција одржана во прес-центарот на Владата во Скопје.
Оценувајќи ја средбата како отворена и содржајна, Мицкоски истакна дека дојде време пристапниот процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции. Во однос на предизвиците со источниот сосед, премиерот потенцираше дека Скопје сака прашањата да се надминат низ дијалог, добра волја и заемно почитување, но побара директна вклученост на Европската Унија.
„Не бараме од Унијата да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања“, истакна Мицкоски.
Тој порача дека доколку од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следува, додавајќи дека целта не е одложување на процесот, туку негово придвижување на стабилна основа.
Премиерот нагласи дека најголемиот дел од работата останува дома, фокусирајќи се на реформите во владеењето на правото, јавната администрација, дигитализацијата, образованието и подобрувањето на деловната клима. Тој потсети дека Европската комисија веќе позитивно ги оцени спроведените реформи, што овозможи користење на средствата од европскиот План за раст.
„За нас е особено важно граѓаните да почнат да ја чувствуваат европската интеграција уште пред формалното членство: преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктура и повеќе можности за младите“, рече Мицкоски, посочувајќи го Коридорот 8 како одличен пример за тоа како политичката цел се претвора во конкретна инфраструктурна и економска придобивка.
На крајот од обраќањето во владиниот прес-центар, Мицкоски се заблагодари на Фон дер Лајен за нејзината лична посветеност на регионот, изразувајќи уверување дека со поголема вклученост и јасна политичка волја, може да се направи реален исчекор кон Европската Унија.









