ВЕСТИПОЛИТИКА

Милошоски очекува поддршка од Шпанија во надминувањето на билатералниот спор со Бугарија

Комисијата за европски прашања оствари средба со државниот секретар за Европската Унија на Кралството Шпанија, Фернандо Маријано Сампедро Маркос, соопштија од Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот на Комисијата и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, изрази задоволство од вниманието што Шпанија му го посветува на проширувањето на ЕУ, истакнувајќи ја благодарноста за континуираната поддршка на европската перспектива на земјата.

Милошоски: Искористување на актуелниот моментум и надминување на спорот со Бугарија

На средбата, Милошоски нагласи дека треба да се искористи актуелниот моментум за напредок во процесот на проширување паралелно со Украина и Молдавија преку отворање на преговарачките процеси, оценувајќи го тоа како „вин-вин ситуација“ за обединета Европа.

„Од Шпанија, како влијателна земја членка на Европската Унија, се очекува поддршка во надминувањето на билатералниот спор со Бугарија, преку изнаоѓање решение од заемна корист за двете страни“, истакна Милошоски.

Шпанскиот државен секретар ја потврди поддршката за полноправно членство на земјата во ЕУ, нагласувајќи дека процесот треба да се темели на заслуги, исполнување на критериумите и почитување на европските вредности. Присутните констатираа дека средбата ја потврдува одличната пријателска соработка меѓу двете земји.

Back to top button