Ѕвездите на новото продолжение за суперхеројот Спајдермен, Том Холанд и Зендаја, присуствуваа на лондонската премиера на филмот „Spider-Man: Brand New Day“. На црвениот тепих на плоштадот Лестер во средата им се придружија и колешките од филмот, Флоренс Пју и Мариса Томеи, како и режисерот Дестин Даниел Кретон и продуцентката Ејми Паскал.
Настанот помина во знакот на високите температури, со оглед на тоа што живата во термометрите во Лондон достигна 34 степени Целзиусови. Ова не е првпат екипата да се соочи со топлотен бран во британската престолнина, откако слични временски услови ја одбележаа и нивната претходна промотивна активност на плоштадот Трафалгар во јуни. Зендаја го привлече вниманието со креација инспирирана од пајажина на дизајнерката Тамара Ралф, додека Холанд носеше бордо одело со брош во форма на пајак.
Дејството во „Spider-Man: Brand New Day“ се одвива неколку години по настаните од претходниот филм, „No Way Home“, и ги истражува темите на изолација и поврзување. Питер Паркер, кој го игра Холанд, се справува со последиците од магијата поради која сите го заборавија неговото постоење, вклучувајќи ги неговата девојка МЏеј (Зендаја) и најдобриот пријател Нед (Џејкоб Баталон). Филмот пристигнува во светските кина на 31 јули.

