Три светски рекорди на подводната пештера Врело на Матка

Подводната пештера Врело во кањонот Матка е најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна длабочина од 338 метри во рамки на експедицијата „Врело 2026“. Со ова достигнување се поставени три светски рекорди.
Експедицијата се одржуваше од 10 до 17 октомври, а во неа учествуваа 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија. Со новото достигнување, досегашната истражена длабочина од 287 метри е надмината за 51 метар.
Меѓународниот тим поставил рекорди во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и длабинско нуркање на отворени води. Рекордното нуркање го извел полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, а финалната операција траела девет часа.
За време на експедицијата биле откриени и два досега непознати подводни канали, со што е проширена мапата на пештерскиот систем. Според информациите од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, истражени се повеќе од 150 нови метри пештерски канали.
Првиот канал се наоѓа на околу 300 метри од влезот на пештерата, на длабочина од 33 метри, а вториот е откриен на длабочина од 170 метри и се поврзува со главниот длабински канал.
Поради сложеноста и ризиците на ваквото нуркање, финалното спуштање на Питала било следено од 12 безбедносни нуркачи распоредени на различни длабочини. На површината биле обезбедени медицинска и спасувачка поддршка, а во готовност биле и хеликоптерската единица на МВР, припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и екипа на Итната медицинска помош.
За потребите на експедицијата, македонскиот тим за првпат самостојно конструирал и поставил подводна воздушна комора, односно хабитат, на длабочина од осум до девет метри. Таа служела како простор за престој на нуркачите за време на долгите декомпресиски процедури.
Пред новата експедиција, Врело имаше истражена длабочина од 287 метри и беше на третото место на светската листа. Со достигнатите 338 метри, според објавените податоци, го надминува францускиот локалитет Фонт Естрамар, со 312 метри, и италијанскиот Елефанте Бјанко, со 292 метри.
