ВЕСТИХРОНИКА

ПАТРОЛА: Навивачки хаос во Скопје со повреден малолетник, запален автомобил и вооружен упад во дом на старец

Масовна тепачка меѓу кошаркарски навивачи во која тешко настрада малолетник, вооружен грабеж на старец во неговиот дом и брутален напад со метални шипки на скопска крстосница, се најсериозните инциденти во изминатото деноноќие забележани во полицискиот билтен.

Насилството ескалираше пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, непосредно пред кошаркарскиот натпревар меѓу екипите на „Скопје 2023“ и „Работнички“. Според МВР, група од околу 30 припадници на навивачката група „Фемили Аеродром“ физички нападнале педесетина гостински навивачи кои чекале да влезат во салата. Во хаосот, со тешки телесни повреди се здобило 16-годишно момче, кое итно е пренесено на скопските клиники. Полицијата веќе приведе 18-годишник осомничен како еден од главните поттикнувачи и учесници во инцидентот.

Тежок напад со употреба на огнено оружје е регистриран и во домот на 76-годишен скопјанец. Тој пријавил дека бил нападнат од две лица кои добро ги познавал, при што едниот од нив го удрил со кундак од пиштол, по што му одзеле пари. Како на филм се одвивал и инцидент на семафори во населбата Ѓорче Петров. Три лица излегле од својот автомобил, насилно извлекле 34-годишен возач од неговиот „фолксваген“ и брутално го претепале со метални предмети, оштетувајќи му го и возилото.

Во скопската населба Аеродром за влакно е избегната поголема трагедија откако непознат сторител со запалива течност полил и запалил паркирано „пежо“. Огнот навреме го изгаснал сопругот на сопственичката со противпожарен апарат.

Црната хроника бележи и серија шокантни случаи на семејно насилство низ државата. Во Крива Паланка е уапсен 26-годишник кој физички го нападнал својот 82-годишен дедо, додека во Берово 39-годишна мајка ја претепала својата 12-годишна ќерка, прекршувајќи ја претходно изречената судска забрана за приближување поради семејно насилство.

Back to top button