
Од млеко од лебарки и еволуцијата на бакнувањето до 1.000 пара долна облека закопани во земја – годинашните „Иг Нобел“ награди повторно ја прославија науката што прво предизвикува смеа, а потоа тера на размислување. Десет истражувачки тимови беа наградени на церемонијата одржана на 3 септември во Цирих, првпат во 36-годишната историја на наградите надвор од САД.
Наградата за хемија ја доби меѓународен тим кој ги проучувал протеинските кристали во „млекото“ што видот лебарки Diploptera punctata го произведува за своите младенчиња. Истражувачите утврдиле дека овие млечни протеини содржат околу трипати повеќе енергија од протеините во кравјото млеко.
Особено необична беше наградата за наука за почвата. Истражувачите закопале 1.000 идентични пара памучна долна облека во повеќе од 25 земји, а два месеца подоцна ги ископале за да видат колку микроорганизмите и другите организми во почвата ја разложиле ткаенината. Експериментот овозможил едноставен показател за биолошката активност и здравјето на почвата.
Наградата за биомеханика отиде кај научници кои формулирале прецизна научна дефиниција за бакнувањето и ја истражувале неговата еволутивна историја. Според нивната анализа, однесувањето можеби постоело уште кај заедничкиот предок на големите мајмуни пред околу 21,5 милиони години, што отвора можност и неандерталците и раните Homo sapiens да се бакнувале.
„Ми падна вилицата кога го добив повикот. Ова сигурно е едно од најгордите достигнувања во мојот живот“, изјави истражувачката Матилда Бриндл.
Меѓу останатите наградени се и истражувања за дизајнирање писоар што не прска, користење устен апарат на комарец како млазница за високопрецизно 3D-печатење и научна потврда дека родителите го сакаат мирисот на своите бебиња многу повеќе од мирисот на своите тинејџери.
„Иг Нобел“ наградите се доделуваат од 1991 година со едноставна идеја – да се наградат истражувања што „прво ги тераат луѓето да се смеат, а потоа да размислуваат“.
Д. Д.
